Кои диви билки можете да ги јадете од градината?
Стории

Miss Дива (Салата)

Викендот беше прекрасна можност да се ужива во градината, сонцето и благото наговестување на есента. Во овој период од годината главно берам плодови, се борам (секогаш) со коровот, и набљудувам инсекти и птици.

IMG_5580
Горно Нерези

Пред да ја искосам веќе неподносливо високата трева, прошетав да разгледам што има никнато во меѓувреме…и не беше малку. Пред да искосам се`заедно, ги набрав дивите билки кои се за консумација, и тоа се следните:

  1. Коприва

IMG_5575 IMG_5571

Копривата пушта млади ливчиња два пати во годината – на пролет и сега (слика десно). Младите листови се консумираат:

  • Чај (сушени, или може и свежи)
  • Пита – ако соберете доволно, а секако и ако знаете да сукате побитната работа
  • Чорба – како додаток во било која варијанта
  • Моето омилено – во домашно бадемово млеко со куркума (во тој случај само кратко се поминува во вода која врие и се бленда со киснати бадеми и малку куркума. Специјалитет!)
  • Ја немам пробано жива/блендана.
  • За градинарите секако – за природно средство за заштита и ѓубрење.

Од пролетната коприва која пуштила семе – се собира семето и се консумира со лажичка мед, или во друг тип храна. Пребогата е со железо.

2. Глуварче

IMG_5569IMG_5570 IMG_5568

Листовите од глуварче се фантастичен диуретик и прочистувач. Ги препорачуваат и за повишен шеќер, за што имам слушнато директни сведоштва дека помогнал. Слично како и копривата, младите ливчиња можете да ги наберете на пролет и при крај на летото.

  • За повишен шеќер / лек – млади ливчиња со вода се блендаат. Се процедува сокот за да се отстранат тревестите влакна (кои исто така се одлични но ако сето тоа ви е премногу “тревеста” варијанта, процедете) и се пие со друг сок (по можност Кока Кола 😉 ) или вода. За дозата немам информација, веројатно е добро да се истражи независно. Иако сметам дека нема можност за предозирање.
  • Салата – место / заедно со рукола. Јас  комсумирам и “постари” ливчиња. Малку горчат, но и руколата исто со тоа што таа ја плаќаме по 40 ден/китка за да ни горчи.
  • За домашни миленичиња – верувале или не многу е поволна и за кучиња (веројатно и мачиња, не знам) особено ако имаат бубрежно заболување (акутно или хронично). Неодамна ми се разболе кучето од бубрези, и поради тоа што е диуретик и изобилува со витамини и антиоксиданси, вклучувам неколку ситно сецкани ливчиња во неговиот оброк. Бон апетит месождер!
  • Цветовите од глуварче – за тоа верувам веќе знаете.

3. Маточина

IMG_5565

Дива или култивирана, маточината кај мене во двор царува. Околу виновата лоза, кивите, и покрај ѕидови и скриени места од косилката за трева. Едноставно ја обожувам, во секоја форма.

  1. Ја сушам за чај. Чај правам и од свежа (треба повеќе киснење)
  2. Прекрасен летен напиток – сок од лимон, мед, вода, маточина и нане се блендаат (сооднос по вкус). Ќе се изненадите колку освежува, е здрав и прекрасен на вкус!
  3. Ставам неколку свежи ливчиња во салата

4. Нане

IMG_5566

Земено во предвид дека постојат преку 15 видови на нане, никогаш не истражив кој точно тип е ова нане и дали припаѓа на дивите видови. Во секој случај, изникнато е набрзина, со оглед на тоа дека се наоѓаше на средина на тревникот. За употребата на нане мислам дека нема потреба да се зборува.

5. Цикорија

IMG_5574

Цикоријата за сега ја немам пробано на ниеден начин. Еве што вели Гугл:

Лековити делови на цикоријата се: коренот, листот и цветот. Најчесто како лек се користи коренот од цикоријата. Тој се копа во есен, кога е најдебел и има најмногу лековити состојки и инулин (резервна храна). Поретко се користи надземната билка, која се бере за време на цветањето. Од втората половина на март до крај на мај се копа коренот, а листовите и цветовите се берат во време на цветањето на билката.

Таа го јакне и чисти желудникот, го подобрува варењето на храната, го чисти црниот дроб, го регулира излачувањето на жолчката, ги чисти бубрезите и слезината, лечи жолтица и слабокрвност (анемија).

Цикоријата повеќе се користи во народната отколку во научната медицина, како неотровен горчлив лек за лекување на органите за варење, пред се, за зголемување на аптетот, за јакнење на желудникот, за подобро варење на храната, за пообилно изачување на мочка и жолчка и друго. Цикоријата ја чисти крвта, го регулира метаболизмот.

6. Тушница (Толчница/Пеплис)

IMG_5564

По потекло од Азија со благ вкус на лимон. Добар извор е на омега 3, се јаде жива во салати, варена (со маслиново и зачини по вкус) или ферментирана/скиселена…(треба да) содржи повеќе витамин А од спанаќот и повеќе бета каротен од морковите.

7. Лобода

IMG_5586

Лободата расте интензивно низ градината. Листовите и се со пријатен, слабо благ вкус и е одлична свежа во салата. Кревка е така што мора да ја консумирате брзо после берењето – ја јадам директно кога работејќи на сонце во градина ќе ми падне шеќерот 🙂

Еве што вели интернетот за лободата: “Во традиционалната медицина лободата е позната како лековито средство против некои стомачни заболувања. Има изразени бактерицидни својства. Сок од листовите на лободата се користи при кариес. И предците знаеле дека лободата е прекрасно средство против забоболка и болести на непцата. На децата им давале семе од лобода профилактично против паразити. Некогаш лободата се применувала дури и при парализа.”

8. Тегавец

IMG_5573

Многу корисна а многу игнорирана билка! Собирам и ги сушам листовите за чај.

  • Лекот кој во себе содржи тегавец најчесто се користи за лекување на болести на дишните патишта, астма, бронхитис, кашлица и грип.
  • Чајот од листовите на тегавецот е погоден за деца бидејќи е вкусен, а по потреба може да се заслади со шеќер или мед. Се употребува и при воспаление или чир на желудникот или цревата. Корисен е при заболувања на црниот дроб и мочниот меур, како и против создавање камења и песок во бубрезите.
  • Свежите листови кои претходно треба да се згмечат се користат како облоги кои се ставаат на место на убод од инсекти или каснувања од змија. Сокот од свежите листови го спречува крварењето и го забрзува зараснувањето на раната. (Википедија)

На здравје дивите билки, тревата е веќе искосена и сместена во компостот, а набраните билки (оние кои останаа живи) се сушат.

Фотографиите се од Горно Нерези.

Биљана Филиповска, Наша Добра Земја

Август 2016

Под “стoрии” објавуваме лични приказни, искуства и впчатоци за природата и природниот пристап кон животот и употреба на ресурсите. Доколку сакате да споделите своја приказна, контактирајте не info@dobrazemja.org.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Актуелно
  • Триото “Органско Зелено“ стана квинтет

    И ве поздравува од Добра Земја: марула, блитва, млад лук, млад кромид и неговото височество – СПАНАЌ 😉