Често поставувани прашања

Каков тип на производи можат да се најдат во вашата продавница?

  • Свежи овошје и зеленчук (сезонски)
  • Брашна: елдино (хелдино), пченкарно, пченично, ржано.
  • Мешунки: грав, наут
  • Втеглени органски процесирани производи: ајвар, лутеница, сокови, џемови
  • Органски интегрален и обичен таан
  • Органски (кисел) леб без квасец
  • Јаткасти плодови: ореви, бадеми
  • Козјо органско сирење и кашкавал (понекогаш и овчо органско сирење и урда), јајца
  • Свежи (диви) печурки (вргањ, лисичарка).

Еднаш неделно примаме и нарачка за органски пити со спанаќ и урда, јаболка или сирење.

Сум слушнала за неделната органска кошничка, што е тоа?

Неделната органска кошничка е кошничка со свежо органско сезонско овошје и зеленчук која ја добива секој член еднаш неделно. Станувајќи наш член, се преплаќате и за кошничката. Таа се подигнува (или вршиме достава) секој четврток. Количината на производи варира во зависност од сезонските плодови. Цената е секогаш иста (500 ден/кошничка). За истата вршите уплата (2.000ден или 2.500 ден во случај кога има 5 четвртоци во месецот) однапред. Видовите и количините на плодови ги комбинираме во задругата (член/волонтер), секогаш најсвежите и најубави и квалитетни производи кои ги добиваме ги планираме за кошничките. Доколку како наш член сакате вие да волонтирате и да ја комбинирате, контактирајте не. Правиме една кошничка дополнително, која служи за замена доколку нешто сакате да смените од вашата. Можете да погледнете како изгледаат кошничките во различните сезони во годината:

мај 2016
Мај 2016
Феб 2016
Феб 2016
Јуни 2016
Јуни 2015
Јуни 2015
Јули 2015
Пролет 2015
Пролет 2015

За повеќе информации погледнете тука, за дополнителни прашања контактирајте не на novclen@dobrazemja.org

 

Како сум сигурен/а дека производите кои ги продавате се навистина без хемија?

Целта поради која постоиме е што повеќе луѓе да имаат достапни проверени хемиски нетретирани производи. Нашиот почеток беше како неформална група на граѓани кои посетувавме производители, се организиравме и набавуваме хемиски нетретирани производи за нас самите. Истиот дух и цел се задржани и денеска.

Целта на задругата не е профит. Нашата цел е да понудиме алтернатива на индустрискиот систем на производство и консумација на храна и да овозможиме пазарен пристап на оние производители кои произведуваат без хемија, а на жителите на Скопје кои сакаат таква храна, да имаат каде да ја набават. Било каков профит, доколку се оствари, ќе биде наменет исклучиво во развојните цели на оваа мисија. Прочитајте за нас повеќе тука.

Огромен труд, енергија и волја вклучуваме во врска со ова прашање. Многу скептицизам постои во нашето општество, и не неосновано и тешко е на некој кој не не познава лично да му докажеме што се правиме за да успееме да сме и самите сигурни дека производите се реално такви какви тврдиме дека се. Доколку би било инаку, воопшто не би ги продавале. Конкретно она што го правиме е:

  • Нема производител кој не сме го посетиле лично (повеќе пати). Сме во контакт на формален и неформален начин со цел да ги имаме сите информации на располагање за оние кои произведуваат. Посетата значи увид во природното опкружување на производството, начинот на производство, причините зошто некој започнал, исл. Се добива личен впечаток.
  • Комуницираме и соработуваме исклучиво само со производители (не со медијатори).
  • Повеќето производители се носители на органски национален сертификат.
  • Сепак, и кај оние кои се и кај они кои не се – реализиравме преку 15 тестови за пестициди (на добиени производи) и преку 10 теста на почва (тешки метали).
  • Одредени производители не сакаат да се сертифицираат од повеќе причини (трошок, администрација, не им е познат процесот). Ние самите ги спроведуваме горе наведените тестови, покрај тоа што долго и лично ги познаваме самите луѓе. Таквите производи во дуќанот можете да приметите имаат ознака за “одобрено од Добра Земја” наспроти тие со сертификат на кои стои “органски производ” или “органски производ во преод”. Како што сме ни посветени на идејата, има и такви производители.
  • Има производители кои после посетата според наши критериуми сме процениле дека не им веруваме и не сакаме да оствариме соработка со нив.

Може да погледнете слики од некои од нашите посети тука (како и во останатите постови во Галерија).

Како избирате со кои производители соработувате?

Во постојан контакт сме со производителите и остваруваме посети низ државата со цел да најдеме органски производи кои се од најчисти подрачја одгледани на најприроден начин. Посетата лично говори најмногу за самиот производител и неговото опкружување. Често и со самиот однос, и вредности на кои производителот обрнува внимание и му се важни се согледува начинот на производство. Тоа, веруваме, дека се пренесува и на самите плодови во процесот на производството.

Доколку сте заинтерсирани да ни се приклучите во посетите, контактирајте не на info@dobrazemja.org.

Од кои градови/реони се производите кои ги продавате?

Локалното органско производство има смисла доколку е што поблиску до конзументот. На тој начин, се намалува енергијата која се троши и загадувањето кое се генерира за сметка на амбалажа, транспорт, ладење, исл. Од друга страна пак, Скопје и поголемиот дел од неговата околина не се најчистите предели во земјата, и дополнително, постојат органски производители, но сеуште не во доволен број. Од тие причини моменталните локации од каде набавуваме се:

  1. Оние кои сметаме дека се најчисти, или пак, доколку нема друг производ од подобар реон,
  2. Го земаме производот од единствениот од кој имаме можност во моментот.

Во продавницата е забележано од каде потекнува производот, доколку се случи да не е а ве интересира, ве молиме прашајте не.

Конкретно набавувме од: околината на Кочани, Струмица (30км одалеченост), Скопска Црна Гора, Делчево, околината на Кратово, Пробиштип, околината на Виница, Градско (Кавадарци).

Продавате сертифицирани или несертифицирани производи? Која е разликата?

Производите во Добра Земја се исклучиво хемиски не третирани, со сертификат или без него. Наша Добра Земја ја поддржува можноста за пласман и на производи без сертифиат – важи за производи оние кои не бараат никаков третман и растат природно (како мушмулите, ореви, дуњи, јапонски јаболка на пример).

Доколку производот нема сертификат за органски производ, тоа е назначено и вие како наш потрошувач морате да го знаете тоа во своето одлучување. Целта ни е да имаме најдобри најквалитетни и нутритивно богати производи одгледани на најчисти подрачја, без разлика дали се сертифицрани или не се.

Постојат производители кои не сакаат или не знаат да се сертифицираат а ги познаваме и се одлични долгогодишни производители кои не користат никакви хемиски средства. Нивните производити и ги тестираме, но не веруваме дека само сертифициран производ може да биде органски (според македонскиот закон за органско производство, не е дозволено да се користи зборот органско ако производот не е сертифициран така што нашиот термин е хемиски не третирани за да нема забуни). Не веруваме дека во секоја ситуација ни треба трето лице да ни гарантира обострано за она во кое сме се договориле. Сакаме директно да се договараме и да си веруваме обострано (познато како “доверба од втора рака”/second party certification) затоа што воведувајќи трето лице во односот ја намалува довербата.

За оние потрошувачи кои сакаат исклучиво само сертифицирани производи, обрнете внимание на ознаките во продавницата.

Како можам да се зачленам во Наша Добра Земја?

Повелете повеќе информации на следниот линк: http://dobrazemja.org/mk/stani-chlen/

За дополнителни прашања, контактирајте не на novclen@dobrazemja.org

Кои се моите придобивки како член?

Придобивките се по неколку основи –

  1. Консумација на проверени, најквалитетни плодови во земјата
  2. Пониски цени (10-30% од нечленските)
  3. Приоритет во производи (кога добиваме недоволни количини, членовите имаат приоритет)
  4. Набавка на неделна органска сезонска кошничка (поддршка на првиот таков концепт во земјата – поддршката на малите локални производители во земјата)
  5. Поддршка на задругата и нејзиниот модел – бидете промената која сакате да ја видите
  6. Припадност на група со подеднаква љубов за органското
  7. Можност за посета на производители (и волонтерска работа)
  8. Можност за волонтерски ангажман во задругата
Актуелно
  • Триото “Органско Зелено“ стана квинтет

    И ве поздравува од Добра Земја: марула, блитва, млад лук, млад кромид и неговото височество – СПАНАЌ 😉