Задруги за храна – свет
Иницирани од потрошувачите
Алтернативни модели на организирање на потрошувачите со цел нивно поврзување со производителите се произлезени од потребата да се најдат одржливи решенија на проблемите со коишто се соочува светот за производството на храна денеска: се трудевме да го нахраниме светот, а завршивме со околу 1милијарда луѓе со прекумерна тежина и исто толку неухранети. “Попатно”, ги загадивме водите, почвата, воздухот до алармантен степен. Храна секојдневно се фрла, дали поради несвесност (или каприц – 3тони неизеден леб се фрлаат секој ден во Виена), дали поради немање соодветни услови за чување (25 илјади тони пченица се фрлени во 2015 во Индија). Целиот “систем” на кој сме толку горди, е толку несовршен и ограничен. Не е лесно да се отстапи од равенката профит – раст. За каков раст всушност станува збор?
Конвенционалното земјоделие пак резултира во неповратно загадување и изумирање на (живите организми во) почвата, како и загадување на подземните води, загубени меѓучовечки односи (креирање на се поголема дистанца меѓу конзументот и производителот – пополнета со маркетинг и многу пестициди, меѓудругото) загадување преку транспорт (Македонија увезува производи кои ги има во големи количин, или има многу поволно поднебје за нивно производство), нееднаквости – големите доминираат и загадуваат, а малите пропаѓаат и не можат да се изборат за да опстанат.
Во развиените земји моментално јавно се дискутира за овие проблеми, како и за тоа кое е најодржливото системско долгорочно решение. Или како што се говори во засегнатите кругови – како да се однесуваме и живееме посвесно и позрело.
Размислување надвор од рамката: таканаречените алтернативни модели за купо-продажба како одговор на овие проблеми самоиницијативно почнуваат да се дефинираат во светот уште во 1970-та (предводи Јапонија), а по 1980- тите тие се развиваат и во Европа, Канада, а од скоро и на Балканот (Хрватска, од неодамна и Македонија). Нивната цел е не само да ја остваруваат својата практична цел на постоење (на пример, набавка на органска храна), туку членувањето во нив е и директен начин за изразување критицизам кон актуелниот доминантен начин на одгледување храна.
Едно од главните начела на алтернативните модели за набавка на храна е производот да овозможи директна врска меѓу купувачот и личноста која ја произвела храната, а со тоа и со земјата која реално ја одгаила таа храна (преку посети и волонтерска работа на фармите).
Во различни земји овие иницијативи носат различно име (во Хрватска се наречени групи за солидарна размена) и може да имаат мали разлики во начинот на организација, но вредносниот систем секаде е сличен.
Задругите (или кооперативи) се ваков вид групи на граѓани здружени формално или неформално. Членовите на задругата се и сопственици во задругата со право на глас кој го стекнуваат преку еднократен паричен влог, кој се враќа во целост доколку некој член одлучи да замине. Со тоа секој член има директно влијание кон начинот на кој се раководат активностите во задругата. Доколку се оствари профит со работењето на задругата, истиот се користи согласно статутот на задругата, т.е. согласно принципите на нејзиното постоење. Во Македонија, согласно Законот за Задруги, плаќањето на влог се дефинира во статутот на задругата, додека сопственик е секој член со право на глас.
Задругите може да бидат мали, со 50 членови, а има и такви кои вработуваат по десетици илјади и постојат веќе со децении (во Шпанија – „Мондрагон“, во Англија – „Џон Луис Партнершип“). Ако задругата е регистрирана, подлежи на законите за трговски друштва, а неформалните групи граѓани функционираат целосно волонтерски и непрофитно (во Виена постојат 15 неформални кооперативи за храна). Во ценовната политика креирањето на цените е фер и прифатено од двете страни (производител и потрошувач). Структурата на управување и во едниот и во другиот случај е хоризонтална и одлуките се носат трансапрентно со учество на членовите. Некои задруги имаат и правила како тоа дека сите вработени, без разлика на работното место, ќе имаат еднакви примања.Социократскиот принцип е на некој начин консензус, се аргументира и дискутира се додека сите можат “да живеат” со одлуката, се волонтира на фармите по желба на членовите и се создава однос на доверба и договор со производителот, а храната веќе не преставува само потреба, туку зближувањето со природата. Од друга страна, поинаку се гледа на процесот на производство и истиот се цени повеќе.
Во насока на зголемувањето на одржливоста со нивното функционирање, како и подобрувањето на еколошкиот оттисок, задругите (вклучително и Наша Добра Земја) тежнеат и кон целосно исфрлање од употреба на амбалажниот материјал (особено пластиката), целат кон целосна рециклажа и реупотреба на материјалот што мора да се користи (ротација на амбалажа со производителите), а се организираат акции за собирање амбалажа од потреба на производител (стаклени шишиња, тегли).
Наша Добра Земја е првата задруга на потрошувачи во Македонија.
