Како сум сигурен/а дека производите кои ги продавате се навистина без хемија?
Целта поради која постоиме е што повеќе луѓе да имаат достапни проверени хемиски нетретирани производи. Нашиот почеток беше како неформална група на граѓани кои посетувавме производители, се организиравме и набавуваме хемиски нетретирани производи за нас самите. Истиот дух и цел се задржани и денеска.
Целта на задругата не е профит. Нашата цел е да понудиме алтернатива на индустрискиот систем на производство и консумација на храна и да овозможиме пазарен пристап на оние производители кои произведуваат без хемија, а на жителите на Скопје кои сакаат таква храна, да имаат каде да ја набават. Било каков профит, доколку се оствари, ќе биде наменет исклучиво во развојните цели на оваа мисија. Прочитајте за нас повеќе тука.
Огромен труд, енергија и волја вклучуваме во врска со ова прашање. Многу скептицизам постои во нашето општество, и не неосновано и тешко е на некој кој не не познава лично да му докажеме што се правиме за да успееме да сме и самите сигурни дека производите се реално такви какви тврдиме дека се. Доколку би било инаку, воопшто не би ги продавале. Конкретно она што го правиме е:
- Нема производител кој не сме го посетиле лично (повеќе пати). Сме во контакт на формален и неформален начин со цел да ги имаме сите информации на располагање за оние кои произведуваат. Посетата значи увид во природното опкружување на производството, начинот на производство, причините зошто некој започнал, исл. Се добива личен впечаток.
- Комуницираме и соработуваме исклучиво само со производители (не со медијатори).
- Повеќето производители се носители на органски национален сертификат.
- Сепак, и кај оние кои се и кај они кои не се – реализиравме преку 15 тестови за пестициди (на добиени производи) и преку 10 теста на почва (тешки метали).
- Одредени производители не сакаат да се сертифицираат од повеќе причини (трошок, администрација, не им е познат процесот). Ние самите ги спроведуваме горе наведените тестови, покрај тоа што долго и лично ги познаваме самите луѓе. Таквите производи во дуќанот можете да приметите имаат ознака за “одобрено од Добра Земја” наспроти тие со сертификат на кои стои “органски производ” или “органски производ во преод”. Како што сме ни посветени на идејата, има и такви производители.
- Има производители кои после посетата според наши критериуми сме процениле дека не им веруваме и не сакаме да оствариме соработка со нив.
Може да погледнете слики од некои од нашите посети тука (како и во останатите постови во Галерија).
